Грчкиот суд не го забрани центарот за македонски јазик во Лерин

Центарот за македонски јазик во Грција денеска информира дека Основниот суд во Лерин, во две посебни одлуки, официјално одби повеќе барања/тужби за поништување на првичната одлука за одобрување на барањето за неговата регистрација.

Од Центарот потсетуваат дека лани на 27 јули барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација/здружение беше одобрено од грчкиот суд, со што истиот стана првата организација, која директно се грижи за македонскиот јазик, што е регистрирана и призната како таква од грчките државни органи.

Сепак, веднаш по соопштувањето на таквата одлука, до Судот во Лерин беа доставени повеќе барања/тужби од „трети заинтересирани страни” за поништување на првичната одлука за регистрација. Како подносители на таквите барања се појавија неколку екстремно десничарски организации и политички партии во државата, додека едно од барањето беше поднесено лично од страна на јавниот обвинител на територијата на Леринската околија.