Грчкиот парламент треба да гласа за ратификација на договорот од Преспа
Foto

Грчкиот парламент треба да гласа за ратификација на договорот од Преспа

Продолжува жестоката дебата во Грчкиот партламент во однос на ратификацијата на договорот од Преспа. За претсавниците на опозицијата тој е штетен по интересите на државата, за оние од владеачката коалиција историски. Последни од собраниската говорница ќе се обратат претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Првиот човек на Грчката влада веќе упати и порака до пратениците барајќи од нив да ги остават политичките разлики на страна и да се обединат во интерес на земјата.

„Договорот од Преспа е историски чекор не само за нашите две држави и регионот туку и за цела Европа. Тој креира однос на пријателство, соработка и стабилност. Ратификацијата на договорот е патриотски чин.“ - порача грчкиот премиер.

Грчкиот министер за Финансии ги обвини пратениците од редовите на нова демократија дека уште повеќе се свртеле на десно и дека дополнително се одалечиле од желбите на граѓаните.

„Постојат лимити но мораме да бидеме и реални. Бидејќи секој договор кој едната страна ја остава во лоша состојба не е вистински договор и само ќе ве врати назад.“ - изјави Еуклид Цакалотос – Министeр за финансии на Грција.

Портпаролот на пратеничката група на Нова демократија, Никос Дендиас, возврати дека од договорот корист има само владеачката коалиција и дека е спротивен на интересот на народот.

„Се надевам дека ги имате испланирано и следните чекори кои ќе ја исправат грешката бидејќи ако договорот е успешен тогаш Грција ќе ја плати цената.“ - изјави Никос Дендиас - Нова демократија.

Заменик министерката за граѓанска заштита, Катерина Папакоста, од собраниската говорница порача дека од денеска државата влегува во нова ера.

„Да не заборавиме дека повеќето земји, вклучувајќи ги и оние помоќните, нашата соседна земја ја признават под името Македонија. Со овој договор, името практично се враќа на Грција заедно со неговата историја и култура.“ - изјави Катерина Папакоста - Заменик министерката за граѓанска заштита.

Во дебатата се вклучија и двајца еврокомесари. Димитрис Аврамопулос и Корина Крецу, се јавија со различни ставови во однос на ратификацијата на договорот од Преспа. Аврамопулос, кој е комесар за миграциска политика на ЕУ и поранешен грчки министер за надворешни работи вели дека „Договорот од Преспа не е урамнотежен, а со тоа е и проблематичен“, додека пак Крецу, која е евокомеасар за регионален развој, изрази надеж дека Договорот што поскоро ќе биде имплементиран. Денеска во попладневните часови закажани се и неколку протести во центарот на Атина. Еден е организиран од т.н. „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организацијата што стои зад протестите против Договорот од Преспа, а другиот од Комунистичката партија на Грција. Според грчките медиуми, голем број на полициски единици ќе бидат поставени на неколку места околу парламентот.

0 Коментари

Остави коментари