Грчкиот парламент го ратификуваше договорот од Преспа

Со 153 гласа ЗА и 146 против, во грчкиот парламент попладнево беше ратификуван договорот од Преспа. Расправата траеше три дена или околу 40 часа. Гласањето се одвиваше поединечно со прозивање на сите 300 пратеници. За ратификацијата на Договорот требаше да се гласа доцна синоќа, но поради големиот број пријавени дискутанти, гласањето беше одложено за денеска попладне. Тридневната дебата, со говор, ја затвори алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос. Дебатата на моменти се одвиваше со жестоки тонови, особено меѓу пратениците на владејачката СИРИЗА и опозициската Нова демократија. Грчкиот премиер Алексис Ципрас на Твитер ја поздрави ратификацијата на договорот во грчкиот парламент велечќи дека Северна Македонија ќе биде пријателска земја, сојузник и поддржувач на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и развој во регионот. Ципрас во последното обраќање порача дека Преспанскиот договор носи стабилност за регионот и дека со него интересите на Грција не се загрозени. Тој на пратениците им порача дека неговата ратификација претставува историски чекор.

Денес е тежок и тажен ден за Грција, порача лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во изјавата дадена веднаш по изгласаната ратификација, на како што наведува, „штетниот Договор од Преспа“.

„Ратификација значи по прв пат, од грчката Влада, официјално признавање на македонскиот јазик и идентитет за жителите на Скопје. Така, се напушта децениската национална линија. Господинот Ципрас кажа „да“ онаму каде што сите негови претходници рекоа „не“. Причините, му се само нему познати“.  изјави Кирјакос Мицотакис – претседател на Нова Демократија.

Мицотакис го повтори и она што го најави во синоќешниот негов говор во Парламентот дека Нова демократија, како влада, ќе го искористи правото на вето за интеграција на северниот сосед во ЕУ. По ратификацијата, следна постапка е грчката Влада да го информира Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа Алијансата треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште на почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш потоа, според најавите, Грција ќе ја ратификува поканата за членство на земјава во НАТО, чекор по кој новите уставни амандмани влегуваат во сила, а Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.