Грчки работници спречија контејнер со оружје да се извезе во Израел, оружјето во грција влегло преку Македонија

Камион полн со оружје наменето за Израел, транспортирано преку Македонија во Грција, стопиран на грчкото пристаниште во Пиреа.

Десетици членови на грчкиот синдикат го блокираа товарењето на контејнерот наменет за израелската армија во знак на протест против војната во Газа. Контејнерот, кој во четвртокот од Македонија влегол во Грција, носел 21 тон муниција која требало да биде натоварена на брод кој плови под знамето на Маршалските острови. Крајна дестинација била израелското пристаниште во Хаифа.

„Сметаме дека тоа е најмалку што можеме да направиме. Не сме единствените, не сме први. Сите знаеме во овој момент дека во Палестина имаме над 40.000 мртви, над 20.000 жени и деца. Не сакаме да учествуваме како синдикат на пристаништето во Пиреја и да си ги обоиме рацете со крвта на невините, со крвта на народот. Овој товар беше транспортиран низ целата земја. Можеше да се случи било каква несреќа, бидејќи пренесува експлозивни материјали.“ - изјави Маркос Бекрис, претседател на Синдикатот ЕНЕДЕП.

Пред инцидентот, синдикатот на пристанишните работници ги повикал сите членови ширум државата да ја блокираат секоја испорака на оружје и муниција која ќе се користи за продолжување на војната во Газа. Камионот, кој имал важечка дозвола за транспорт, е задржан од пристанишните власти а контејнерот се уште не го напуштил пристаништето.