Грчки „Интракт“ и годинава ќе работи на штипската клиничка болница

Наместо свечено пуштање во употреба, нов рок за завршување на 1-та фаза од изградбата на штипската Клиничка болница. Грчки „Интракат“ добил нова шанса до крајот на оваа година да го заврши објектот.

Засега нема одговор кој ќе го плати  тоа, откако лани во ноември до Здравство стигна писмо од Банката за развој при Советот на Европа дека државата не може да смета на половина од кредитот во вкупна вредност од 26, 9 милиони евра. Иако претходно од Министерството за здравство ги потврдија намерите за повлекување на Банката, сега велат не се работи за повлекување туку истекол рокот за кредиот. Потрагата по кредитор и пари ја префрлаат во Финансии. 

„Прашањето за нова финансиска конструкција е во надлежност на Министерството за финансии, со оглед дека со потпишаниот договор за кредит, кој во моментов е истечен (помеѓу МФ и ЦЕБ) државата се обврзала дека ќе бидат обезебедени потребните финансии со цел завршување на објектот над оние кои се искористени како кредитни“, се вели во одговорот на Министерството за здравство. 

И додека работите веќе три години практично стојат во место, трпат пациентите. Директорот на штипската Клиничка болница вели  покрупни инвестиции има во зградите што нема да влезат во составот на новата болница, во главната се прави неопходното.

Од Министерството за финансии молк на нашите прашања, дали е најден нов кредитор, има ли разговори со финансиски институции и дали до крајот изградбата ќе се финансира од државниот буџет.