Грчката влада најавува митинг против национализмот
Foto

Грчката влада најавува митинг против национализмот

По големата бура што во Грција ја предизвикаа изјавите во Собранието на премиерот Зоран Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција, според грчките медиуми Атина ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор за пограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата. Според атинска „Ифимерида“ владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба и сега бара начин да ги „минимизира штетите“. После протестите на средношколците во северна Грција против преспанскиот договор, владејачката СИРИЗА на 14 декември ќе одржи политички собир во Солун против национализмот на кој главен говорник ќе биде премиерот Алексис Ципрас.

„Во ПЈРМ против договорот се екстремните националисти. Не може нашата влада, и СИРИЗА да нè обвинуваат за намалена национална свест. Некои да сметаат дека сме предавници, а во исто време, од другата страна, екстремните националисти да веруваат дека содржината на овој договор е предавство на нивните интереси.“ - изјави Панос Скурлетис, генерален секретар на СИРИЗА.

Лидерот на главната грчка опозициска партија Неа демократиа повторно ги повика грчките политички партии да го блокираат договорот за промена на името и рече дека изјавата на Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција е предавство.

„Изјавата најјасно го потврдува она што Неа демократиа го кажува уште од првиот момент. Признавањето на таканаречениот македонски јазик ја отвора Пандорината кутија за оживување на сите историски неосновани тврдења на Скопје.“ - изјави Киријакос Мицотакис, Нова демократија.

Македонската влада пак после изјавите на Заев кажа дека тие биле погрешно протолкувани и објасни дека нема намера да се меша во домашните прашања на Грција, како што се јазичното образование.

0 Коментари

Остави коментари