Градоначалникот Ѓорѓиевски останува на ставот дека преместување на цементарницата „УСЈЕ“ е можно, но треба повеќе време и волја
Дислокација на Фабриката Усје не може да се случи од денес за утре. Доколку сите заеднички работиме ќе можеме да најдеме заедничко решение. Вака градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, одговори на новинарско прашање, прашан за тоа дали ќе се фокусираат на овој проблем по изгласаната иницијатива во Советот на Град Скопје за преместување на фабриката.Според него, поддршката за иницијативата од страна на советниците на град Скопје но и од Владата, е показател за тоа дека власта е на страната на граѓаните.
Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
- Тоа не е процес кој што може да се случи од денес за утре, тоа ни е наследен проблем на сите нас. Мислам дека е можно такво нешто и дека од денес за утре ќе се случи, земајќи во предвид дека тоа е приватна сопственост а не државна и не е нешто што можеме да одлучиме преку ноќ да го дислоцираме. Ќе треба да се работи на тој проблем, систематски да делуваме и верувам дека можеме да придонесеме за идните генерации да немаат таков вид фабрики особено во овој дел од Скопје.
Освен дислокација на фабриката Усје, од иницијативата „Стоп за Усје“ вчера преку протест побараа и 24 часовна контрола за УСЈЕ, мониторинг на сите 12, а не само на 10 оџаци на компанијата, како и европски закони при издавање на А интегрирана еколошка дозвола. Оттаму порачаа дека доколку не се прифатат нивните барања, ќе продолжат со блокади.
Од Цементара Усје пак, повторија дека се цел на неосновани напади. Според нив фабриката не е главен загадувач на главниот град.
УСЈЕ
- Загадувањето во Скопје беше високо и во изминатиот период кога ТИТАН Усје воопшто не работеше. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работеа – едната, печка број 4, од 20.12.2025 година, а втората, печка број 3 од 16.01.2026 година, се до 29.01.2026 година. И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работеше во овој период, највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна и до 275 микрограми на кубен метар
Советниците од политичката партија Левица во Општина Аеродром,изнформираа дека поднеле резолуција за заштита на граѓаните од загадувањето. Со поднесената резолуција, меѓу другото бараат константен мониторинг на Усје.
Иницијативата за дислокација на цементара Усје, поднесена до Советот на Град Скопје од Зелен хуман град беше едногласно усвоена од советниците на градот.

