Градоначалникот на Охрид најавува уривање на дивоградби во градската зона

Уривањето на дивоградбите на плажите ќе се засили идниот период и тоа е доказ дека работиме по препораките на УНЕСКО вели охридскиот градоначалник после објавувањето на извештајот во кој по вторпат организацијата препорача ставање на охридскиот регион на листата на загрозени светски наследства. 

Георгиески информира дека следниот период ќе се урива и во градската зона.

Градоначалникот информира и дека низ изминатите години се градело и узурпирало на плажите надвор од договорите за концесија. Иако имале договори за плажи тогашните концесионери работеле како ресторани и клубови па беззаконски низ годините се стекнале со милионски профит.

Слабостите кои мониторинг мисијата на УНЕСКО повторно ги нотира се однесуваат најповеќе на дивоградбите, загадувањето на езерото, блатата околу езерото но особен акцент сега става и на струшкото крајбрежје.

Иако акцијата на уривање во Охрид тече во континуитет, УНЕСКО сепак ја нарекува многу бавна.

Особено строги реакции има и за платформите кај Радожда кои според организацијата треба што поскоро да се тргнат. Локалната власт пак во Струга нема намера да урива.

Градоначалникот Мерко стои зад ставот кој се контрира со УНЕСКО и вели дека по никој основ нема да ја сруши егзистенцијата на граѓаните од тој потег.