Градежни зафати на брегот на Охридското Езеро ги кренаа на нозе активистите: Инспекција на терен по видеото на „Охрид СОС“
Градежни активности, механизација и ископ на земја во непосредна близина на брегот на Охридското Езеро повторно ги кренаа на нозе активистите. По видео-материјалот што го објави граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, на кој јасно се гледа градежна опрема на самиот брег, денеска со реакција излезе и локалната самоуправа.Градоначалникот Пецаков потврди дека утринава е испратен вонреден инспекциски надзор на терен со цел да се утврди фактичката состојба па јавноста дополнително ќе биде известена за констатациите од инспекцискиот записник.
Освен за овој нов инцидент еко активистите изминатиот период неколкупати алармираа за потенцијално узурпирање на крајбрежниот простор и нарушување на чувствителниот екосистем во заштитената зона на УНЕСКО и од градби но и од пловни објекти.Според нив ваквите зафати во заштитениот појас директно го загрозуваат езерото.
Охридското Езеро и регионот веќе со години се под лупа на домашните организации и меѓународната заедница поради урбаниот притисок врз брегот. Останува да се види дали инспекцијата конечно ќе стави крај на узурпацијата на брегот или ова ќе биде уште еден случај што ќе остане само евидентиран во записник.

