Градба што отвори дилема – развој или нарушување на традицијата во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“
Манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ плени со својата духовност и впечатлива црковна архитектура.
Манастирскиот комплекс го сочинуваат, најстарата градба храмот Пресвета Богородица кој датира од 12 век и вториот поголем храм, изграден кон крајот на 19 век, посветен на Свети Јоаким Осоговски.
Овој македонски верски, црковен и културен бисер, познат и како „манастирски град“, има вкупно 19 пропратни објекти и две цркви, изградени во автентичен стил препознатлив за македонските манастири.
Но, последниот објект што моментално се гради предизвика јавна дебата и бурни реакции, особено на социјалните мрежи поради неавтентичноста и доминантноста над сите останати вековни градби, поради пред се висината.
Граѓаните на Крива Паланка со поделени мислења. За едни станува збор за потребен и функционален објект, други предупредуваат дека со ваквата градба се нарушува препознатливиот изглед и мирот што го нуди манастирското светилиште.
За каков објект станува збор и која е потребата од вакво здание, одговор побаравме од манастирското настојателство. Игуменот на Јоаким Осоговски отец Фотиј, преку стара фотографија отсликана на еден од конаците, нè врати векови наназад.
Посочи дека на истото место некогаш постоел конак изграден во 18 а запален на почетокот од дваесетиот век, но видно од фотографијата тогашниот конак и оној што сега претендира да биде и тоа како се разликуваат во катноста односно висината.
Додека е во фаза на градба објектот налик е габаритен, но откако ќе се изгради и финализира истиот ќе се вклопи со автентичниот манастирски комплекс, упорно убедува отец Фотиј.
Од Управата за заштита на културното наследство не информираа дека објектот што се гради не е во опфатот на манастирскиот комплекс чија градби веќе е заштитена со закон. За новата градба велат нивната институција нема ингеренции .
Дел историчари сметаат дека новиот конак ќе бидел од големо историско значење поради континуитетот со дамнешните времиња и оттаму зошто тој се ценел за најважна градба во целиот манастирски комплекс.
Јордан Михајловски хроничар на Свети Јоаким Осоговски вели дека стариот конак бил стожер за духовната и патриотската преродба на овие простори период во кој живеел и творел Свети Јоаким Крчовски.Затоа смета дека новиот конак, според него, ќе ја споел сегашноста со традицијата.
Се обративме и до кривопаланечката општина. Оттаму велат дозволата за градба ја издал градоначалникот и дека се било согласно закон.
Градоначалникот Сашко Митовски вели дека објектот ги исполнува сите услови за градење. Лично смета дека ќе биде еден од најимпозантните делови на манастирската целина.
Архитектите, пак, посочуваат дека не е доволно само да се испочитува законот, туку дека ваквите објекти треба да се избираат преку јавна дебата и конкурс за најдобро архитектонско решение.
Архитектот Даница Павловска смета дека за ваков чуствителен простор требало да се распише конкурс, дури и на регионално ниво, со цел да се добијат повеќе решенија и да се избере најсоодветното.
Игуменот на манастирот Отец Фотиј вели дека избрано е најиделното архитектонско решение кое ќе се вклопи во целиот манастирски амбиент. Во самиот конак ќе има и параклис посветен на Свети Јоаким Крчовски кој ќе биде круна на целиот објект.
И додека трае дебатата дали ваквата градба е потребна или сосема непотребна зашто со неа се нарушува објект од непроценлива вредност – одговорот сè уште не е едноставен.
Меѓу вековните манастирски ѕидини и тишината што зборува повеќе од зборови, ја напуштаме оваа древна црковна и духовна убавина со помислата дали новата градба ќе се вклопи во духот на просторот и времето или како што е се поочигледно, ќе го промени неговиот лик засекогаш.

