Град Скопје не е заинтересиран да биде европска младинска престолнина
Од Националниот младински совет на Македонија за ТВ 24 тврдат дека една недела пред презентацијата на Скопската кандидатура во Брисел за Европска младинска престолнина за 2027, кабинетот на градоначалничката и оделението за соработка и меѓународни односи, едноставно престанале да одговараат на нивните повици и мејлови.
На почетокот на оваа година, Националниот младински совет заедно со град Скопје ја најави кандидатурата и во таа прилика градоначалничката Арсовска изрази целосна поддршка. Но, од Европскиот младински форум во Брисел, ни потврдија дека градоначалничката Арсовска веќе се откажала.
- Добивме известување од Националниот младински совет за нивната одлука да се повлечат од партнерството со Град Скопје за номинација за Европска младинска престолнина. Набргу потоа добивме и порака од општината во која не информираат дека градоначалникот нема да може да присуствува на презентацијата пред жирито, која ќе се одржи следната недела. Бидејќи во оваа фаза од процесот се бара присуство на претставници од општината и младинска организација, се чини дека Скопје нема да се натпреварува за титулата Европска младинска престолнина. - Европски младински форум.
Како што велат од НМСМ, обврската на градот била да формира собрание за млади, младински совет и центар, да назначи службеник за млади и да усвои локална стратегија за млади. Но освен собрание и назначен службеник, ништо друго не било исполнето.
ТВ 24 го контактираше службеникот за млади чии детали се на официјалната страница на град Скопје. Тој во телефонски разговор ни рече дека веќе две години не работи на таа позиција а на советот за млади немало кворум да се изгласа нов службеник. Тој потврди дека не функционира ни младинското собрание ниту пак советот.
Го контактиравме и кабинетот на градоначалничката за став зошто нивниот интерес за оваа значајна младинска иницијатива исчезнал. Но, исто како и Националниот младински совет, и ние не добивме одговор од нив до објавувањето на овој прилог.