Град Скопје: Градежните зафати на градски сообраќајници во главниот град вредни 760 милиони денари
Foto

Град Скопје: Градежните зафати на градски сообраќајници во главниот град вредни 760 милиони денари

Градот Скопје започна градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници во вредност од 760 милиони денари, во тековната и наредната година,соопштија од Град Скопје.

Минатите два дена, како што информираат, започна изградбата на улица Есенинова што ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром и Центар и реконструкцијата на улица Востаничка во Кисела Вода.

-Во претстојните месец дена предвидено е да започнат реконструкциите на три булевари и пет улици во неколку скопски општини. Булеварите чиишто реконструкции ќе започнат во следниве месец дена по потпишувањето на договорите со изведувачите се: Александар Македонски (Гази Баба), Видое Смилевски Бато (Аеродром) и 8 септември (Карпош). Во истиот период предвидено е да започнат реконструкциите на улиците: Никола Карев (Центар), Џон Кенеди (Чаир), Никола Парапунов (Карпош), Боца Иванова (Бутел) и Лазар Личеноски (Центар и Чаир), наведуваат од Град Скопје.

До крајот на годината, како што најавуваат, предвидено е да завршат постапките за јавни набавки и да започнат изградбите и реконструкциите на следните сообраќајници: бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, бул. Никола Карев (Пластичарска), бул. Киро Глигоров, бул. 11 Октомври, ул. Македонско-косовска бригада, ул. Васил Ѓоргов, ул. Благоја Стефковски, ул. Лазар Трповски, ул. Љубљанска (со мост преку Вардар до ул. Скупи, а подоцна до бул. Словенија) и други.

-Интензивно се работи на втората фаза од изградбата на бул. АСНОМ (мостот преку Вардар), втората фаза од изградбата на булевар Босна и Херцеговина, реконструкцијата на ул. Александар Урдаревски и на улицата Индира Ганди, стои во соопштението.

Градот Скопје, наведуваат, продолжува да гради со засилено темпо, со рекордно кратки рокови во сите 10 скопски општини. Скопје ќе продолжи да ја развива својата улична мрежа истовремено со мрежите на велосипедски и пешачки патеки со цел обезбедување на одржлива урбана мобилност која подразбира безбеден и ефикасен сообраќај.

0 Коментари

Остави коментари