Граѓанските организации против ДКСК, тврдат дека комисијата ја отежнува битката со корупцијата
Наместо да ја спречува корупцијата, Антикорупциската комисија отвора врата за неа – обвинуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Според нив, последните препораки на антикорупциска за ревидирање на Законот за слободен пристап до информации се алармантни, бидејќи директно ја загрозуваат транспарентноста на јавните набавки и отвораат пат за корупција.
Граѓанските организации предупредуваат дека препораките на комисијата да се ограничи објавувањето на документацијата за јавните набавки, под изговор дека може да се откријат доверливи информации, всушност ќе го намалат надзорот врз трошењето на јавните пари и ќе го зголемат ризикот од злоупотреби.
„Во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета и при историски највисок државен буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, ДКСК дава препораки за ограничување на транспарентноста со што ја поткопува улогата на клучна институција за спречување на корупцијата.“
Од Платформата тврдат и дека дел од препораките на антикорупциска се политички мотивирани, особено оние поврзани со можноста за предвремено разрешување на директорот на Агенцијата за слободен пристап до информации. Велат дека таквите предлози може да доведат до политичко влијание врз независните тела.
„Независните регулаторни тела, како што е Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап, па и самата ДКСК, имаат мандат подолг од мандатот на избраните функционери во извршната власт, со цел да бидат партиски и политички независни. Не може единствен аргумент за оваа препорака на ДКСК да биде ‘евентуално одолговлекување, селективност и неизвесност во управувањето со институцијата“.
Антикорупциска утврдила дека со актуелниот закон казните се несоодветни и неправедни. И граѓанските организации подолго време бараат конкретна одговорност за раководителите, кои намерно го попречуваат пристапот до информации. Сепак, велат дека антикорупционерите само посочиле проблеми, без да понудат конкретни решенија.
Платформата бара Министерството за правда и Собранието да не подлегнуваат на вакви препораки, туку да ги зајакнат постојните законски механизми кои ја гарантираат транспарентноста и ги штитат институциите од злоупотреби.