Граѓанските активисти го чекаат решението за трајна забрана за дотур на смет на кочанската депонија
Блокадата на пристапот кон депонијата кај Кочани, кој повеќе од 200 часа е блокиран, продолжува. Во меѓувреме дел од барањата се исполнија, но и понатаму се чека решение за клучното барање за одбивање на смет од соседните општини.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за 24 велат дека се работи и ги следат активностите во Кочани, но ставот на Министерството е дека не е опција да се вратат веќе згаснатите депонии во околните општини.
Во меѓувреме, граѓанските активисти и жителите на Кочани од вчеравечер почнаа да ги пропуштаат само камионите со отпад на кочанското комунално претпријатие „Водовод“, но не и на останатите три општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Одлуката ја донесоа синоќа на барикадата кај кочанското село Бели.
Децидни се дека протестот им продолжува сè до исполнување на нивното клучно барање, односно трајна забрана за дотур на смет од соседните општини на градската депонија во Кочани.
Инаку, во понеделникот на средбата со кочанскиот градоначалник Љупчо Папазов било договорено да се изгради физичка бариера околу депонијата за да се спречи неовластен пристап, локацијата да биде ставена под видеонадзор, како и да бидат ангажирани лица за обезбедување на теренот, но и да не се дозволува неовластен влез на депонијата.

