Граѓаните во Скопје и денеска запалија свеќи за Фросина Кулакова, се бара одговорност
Во последните две години, животите на 53 пешаци згаснале во сообраќајниот хаос, но јавноста поврзува четири случаи кои се симптоматични – 24 годишната Викторија Николова и 25 годишната Оливера П. од Радовиш, 26 годишната Фросина Цековска од Крива Паланка и 22 годишната Фросина Кулакова од Неготино – се млади девојки кои прописно и на пешачки премин, ја преминувале „Партизанска„ а млади момчиња со запрепастувачка непочит кон основните сообраќајни правила им ги одзеле животите. Поранешниот началник на МВР, Љубомир Ѓурчевски вели, полицијата знае кога, каде и најчесто од која возрасна група дивеат по улиците но полициската функција слабее поради политичко влијание и ослободување од одговорност.
Љубиша Видојковиќ кој ја прегази Фросина Цековска возејќи 80 км/ч со испиени 3 чаши ракија а потоа и избега од местото, доби минимална казна од 4 години. И возачот Јордан Ѓорѓиев кој ја прегази Викторија Николова возејќи 67 к/ч доби минимална четири годишна затворска казна. Возачот кој го прегази 16 годишниот Иван Билински во 2014 пак, избега од државата. За последната трагедија во која 20 годишниот Васил Јованов ја лиши од живот Фросина Кулакова возејќи пијан 120 км/ч без дозвола и поминувајќи на црвено, од Кривичниот суд велат дека тие не се виновни за црните сообраќајни точки, и не можеле да претпостават дека Васил Јованов, кој е регистриран дилер на дрога и веќе повредил пешак со неговиот автомобил на 16 години, можел да изврши вакво дело. Граѓаните го искажуваат својот револт за сомнително благите и минимални казни на сторителите и инсистираат ваквото дивеење по улиците да се третира како убиство со умисла.
Граѓанска иницијатива за велосипедско Скопје „НаТочак„
Убијците во сообраќај строго да бидат казнувани, зашто во голем број случаи не се работи за „несреќи“ (случајни настани). Да се вози автомобил со брзина над дозволената, а уште повеќе над 100 км/час во градска средина, е исто како да се излезе со автоматско оружје со рафален истрел и да се пука наоколу. Дури и кога нема да убиеш некого, тоа е еднакво на обид за убиство и така треба да се третира од правосудството.
Освен повици веднаш да се активира системот „Безбеден град„ граѓаните апелираат да се зголеми просторот за пешаците на булеварите и по една коловозна лента да се намени за јавен превоз со што би се намалил просторот за дивеење по булеварите.