Граѓаните пред одлука - приватен или државен пензиски фонд?
Foto

Граѓаните пред одлука - приватен или државен пензиски фонд?

Писмо на домашна адреса или по меил ќе добијат 28 илјади осигуреници кои до септември следната година ќе треба да се изјаснат дали ќе се префрлат во државниот ПИОМ или ќе останат во приватните пензиски фондови.

Државата ќе ги извести дека тие се ризични и ќе имаат ниски пензии, зашто се постари од 52 години или се со бенефициран стаж и немаат доволно време до пензионирање да соберат пари на сметките во приватните фондови. Па она што ќе го соберат брзо ќе го потрошат и ќе останат на минималната пензија од 8.800 денари што им ја гаранатира ПИОМ.

„Лицата кои во 2005 година сами избрале да се вклучат во двостолбен пензиски систем ќе треба да потпишат изјава до крајот на септември следната година дали остануваат или не во приватните пензиски фондови. Одлуката е нивна. Но тие што задолжително влегле, како први вработувања, ќе бидат вратени по автоматизам, велат од Министерството за труд и социјална политика.“

Но оние што ќе се вратат во ПИОМ ќе ја изгубат можноста парите собрани во приватните пензиски фондови да ги остават во наследство по нивната смрт, доколку не ги искористат во целост за пензија. Таква можност сега имаат сите членови во двостолбниот пензиски систем.

Парите дадени во државниот ПИОМ, пак, се неповратни, зашто тој функционира на солидарна основа.

Во приватните пензиски фондови членуваат над 480 илјади граѓани. Реформата што ја предлага Министерството за труд, со дополнително зголемување на придонесот за пензија, треба да го стабилизира ПИОМ, каде постојано недостасуваат пари за исплата на пензии.

0 Коментари

Остави коментари