Граѓаните до 2024 треба да ги сменат документите со новото име на државата
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска повторно ги потсети граѓаните на законската обврска за менување на личните документи поради променетото уставно име на државата и дека крајниот рок е 2024 година.
Задолжителната промена на личните документи повлекува и повеќе пари за услугата поради поскапувањето што го дозволи Владата на барање на МВР. А новите цени споредбено со претходните изгледаат вака. Нема промена на износот само за пасошите за лица до 27 години, тие и натаму ќе чинат 1500 денари.
Пасошот за лица над 27 години од досегашните 1500 сега чини 2000 денари. Цената на личните карти е покачена за 120 денари па од претходните 190, сега вадењето лична карта чини 310 денари. 130 денари изнесува покачувањето за возачките дозволи кои од 280 денари се искачија на 410 денари.
Поскапувањето Спасовски го правда поради поскапите репроматеријали. Граѓаните што имаат важечки документи и по 2024 година, исто така имаат законска обврска за промена на истите. Но не само поради Преспанскиот договор и новото уставно име на државата, на граѓаните им се потребни плус средства за промена на личните документи поради честото менување на имињата на улиците.
Спасовски им порача на локалните власти да нема толку чести промени на имињата на улиците, бидејќи покрај што тоа значи екстра трошок за јавноста но и предизвикувало системски проблеми.