Граѓани од Прилеп се жалат на нехуман третман на нивен болен од страна на лекарите во прилепската болницата
47 годишниот прилепчанец Зоран Ѓорчевски, пациент на дијализа со воспаление на панкреас, три недели не добивал соодветен и хуман лекарски третман во прилепската болница „Борка Талески“.
Како што раскажа неговата сопруга, Анета за Телевизија 24, се почнало на 12 јули кога после третиот час од дијализата во болница, почнал да чувствува болки во стомакот.
Анета Ѓорчевска, сопруга на Зоран
„Оттогаш натаму не можам ни јас да памтам кога сме биле и како сме биле, кај нас дома беше хаос. Нормално се упативме на медицинска помош, болките беа големи. Одиме на болница, ни побараа упат. Болики во стомакот или на интерно или хирургија. Ако не упатија хирургија ни велат не сте за овде за интерсно сте, и обратно и цело време си ја подаваат топката“
Ѓорчевска објаснува дека дури по три недели од почетокот на проблемите со стомакот и препраќањето од врата до врата низ болничките ходници, на Зоран му била направена компјутерска томографија на абдомен на која било утврдено дека има воспаление на панкреасот. Но и покрај лекарската констатација и во лоша здравствена состојба Ѓорчевски бил пуштен дома. Па така, семејството на своја иницијатива решиле да го префрлат во приватна болница а во моментов е во животозагрозувачка состојба.
„Кога ќе видат дека си пациент на дијализа, сите си се тргаат на страна. Ти не си за кај мене. По три недели еден од докторите рече појдете на компјутерска томографија на абдомен а тоа не е нешто кој знае што за да не може да се направи. Немаше кој да го прочита ЦД то ама некако се прочита и излезе дека има воспаление на панкреас. Одете си дома ни рекоа, требаше да го пртатат на клиника,еден доктор викаше дека треба друг дека не. И со болки не пратија дома“
Директорот на прилепската болница Кире Јоноски за Телевизија 24 вели дека е запознат со цел случај и деновиве очекува да го добие целосниот извештај за тоа кога, како и каде бил третиран пациентот во болницата.
Кире Јоноски, директор на болница „Борка Талески“, Прилеп
- Чекам да се видам со докторите и да го добијам целосниот извештај за тоа што и како се случувало.
За нехуманиот третман во прилепската болницата, семејството на Зоран поднеле жалба и до Министерството за здравство, од каде бараат одговорност од лекарите и итна внатрешна контрола во болницата.
Телевизија 24 го контактираше министерството но до објавување на овој прилог немаме одговор за тоа дали и како ќе се постапува по жалбата.

