Готова е драфт верзијата на новиот кривичен законик, на почетокот на следната година пред пратениците

Ако Собранието го изгласа целосно новиот предложен Кривичен законик ќе се стегне ременот околу јавните обвинители особено во делот кога ја истражуваат злоупотребата на службената положба на функционерите.

Ова осбоено откако после три години работа експертска група предводена од министерството за правда предлага нови кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба, најчестото кривично дело за кое се гонат и судат актуелни и поранешни функционери. Една од новините е таа што како посебни кривични дела ќе бидат издвоени  злоупотреба на службената положба при јавни набавки и злоупотреба на службената положба при оштетување на Буџетот на државата. 

Ништо полсено нема да им биде и на судиите. Тие ќе бидат обврзани со постегнати правила при определувањето на казните затоа што експертите направија целосна ревизија на казнената политика во Македонија. 

Уште една од суштинските промени во новиот предложен Кривичен законик е што на едно место се прибираат казнени одредби расфрлани во многу различни закони.

Прв пат Кривичниот законик е донесен во 1996 година. За 26 години законикот е дополнуван и менуван триесетина пати. Тупанчевски вели дека честите промени се резултат на дневно-политичките потреби. Новиот предлог на Кривичниот законик од утре ќе биде достапен на Електронскиот национален регистар на прописи - ЕНЕР. Пред да биде пратен во собраниска процедура ќе претстои јавна дебата која ќе трае шест месеци.