Гостивар пред прогласување епидемија! Заболените го надминаа прагот, резултатите од водата утре кај обвинителството
Центарот за јавно здравје Тетово денеска ќе одлучува дали ќе биде прогласена епидемија во Гостивар поради зголемениот број на пациенти кои се јавуваат во гостиварската болница со симптоми на труење од вода. Во последните 24 часа повеќе од 300 луѓе од кои 80 деца со стомачни тегоби побарале помош од медицинските лица, кажа директорот на гостиварската болница Емри Бајрами за Телевизија 24.
- За 24 часа 222 луѓе се јавиле во инфективното одделение и побарале помош. 80 се примени во одделението за педијатрија а 9 случаи имавме на ургентен центар.
Од институтот за јавно здравје велат дека до овој момент пристигнале вкупно 140 официјални пријави за заразна болест. Според нив, порастот на бројот на луѓе кои се јавуваат со симптоми во болница е показател дека е надминат прагот на неделно ниво за прогласување на епидемија.
Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија во ИЈЗ
- Надминат е прагот на неделно ниво и проблемот со бројот на заразени е во текот на оваа недела. Она што е битно да кажеме кога зборуваме за пријавување на епидемија согласно закон е дека тоа е едно невообиучаено зголемување во споредба со истиот период од претходните години. Морам да кажам дека треба да се земе во предвид и тоа дека треба да има официјални пријави за болест до епидемиолошката служба. До овој период се 140 како што кажав и поретходно.
Резултатите од земените примероци за квалитетот на водата во Гостивар ќе бидат готови утре. Од Основното јавно обвинителство велат дека според нив ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката.
ОЈО
- Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализите и испитувањата на квалитетот на примероците од водата во гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена.
Во однос на труењето од вода во Гостивар, експертот за водоводни системи и водни пумпи Дејан Димовски во гостување во Телевизија 24 рече дека според него, пумпите не се случајно наместени на место каде што ќе испумпуваат отпадна вода во систем со питка вода. Според него, тоа мора да го направил човек кој и претходно го правел истотот.
Дејан Димовски, енергетичар експерт за водоводни системи и водни пумпи
- Недозволиво е отпадна вода, дали станува збор за канализациона вода дали атосферка вода да се меша или да се вбризга во водоснабдителниот систем каде што има чиста и питка вода. Тоа од она што го видов од сликата станува збор за луѓе кои свесно знаеле што прават и тоа не е навино и случајно бидејќи не може еден човек да ги донесе тие пумпи и да ги поврзе, да овозможи електирчно напојување, да ги поврзе каналите, тоа мора да го направи човек што го правел тоа и претходно.
Агенцијата за храна и ветеринарство уште пред дава дена издаде забрана за употреба на водата во Гостивар. И од институтот за јавно здравје но и од министерството за здравство апелираат граѓаните да ги следат официјалните препораки, односно да не ја користат воопшто водата од чешма ниту за пиење ниту за лична хигиена. Потсетуваат лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош.

