Гордана Силјановска Давкова го почна претседателскиот мандат со дипломатски скандал
Гордана Силјановска Давкова и официјално стана шефица на државата - на заклетвата во собранието кажа Македонија, а грчката амбасадорка во знак на протест замина.
За време на инаугурацијата, повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име на земјата, Силјановска-Давкова кажа само Македонија.
- Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе го почитувам Уставот и и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија. - рече Силјановска Давкова.
Веднаш по заклетвата, грчката амбасдорка Софија Филипиду ја напушти салата. Филипиду седеше на излезот на галеријата помеѓу американската амбасадорка Агелер и холандскиот амбасадор Коп. Откако Филипиду излезе, Агелер седна на столчето на Филипиду и можеше да се види дека разговара со амбасадорот Коп и ЕУ амбасдорот Гир.
Од грчката амбасда за телевизија 24 потврдија дека амбасдорката Филипиду ја напуштила салата, по инструкции на министерството за надворешни работи на Грција, поради тоа што Давкова не го користела уставното име Република Северна Македонија.
Церемонијата во законодавниот дом сепак продолжи. Во собраниската сала беа присутни пратениците од стариот собраниски состав, лидерите на партиите, црковниот врв, дипломатскиот кор, но не беа двајцата претходници на Давкова. Столчињата наменети за Пендаровски и Црвенковски, останаа празни.
Силјановска на почетокот на говорот се заблагодари на Мицкоски а целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ стана и ракоплескаше.
Говорот го посвети на жените. Кажа дека е време за единство и дека само на тој начин државата ќе се европеизира и ќе ги надмине балканските поделби. Порача дека ќе биде претседателка и на левата и на десната страна. И во говорот употребуваше Македонија, а ја спореди и со жена.
- Држава е во женски род, политика е во женски род, демократија е во женски род, Макеоднија е во женски род,помогнете им пратеници, витези, на жените, да го изразат тоа што го имаат а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека ќе го направам тоа и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија, како што јас сум на мојот народ. - рече Силјановска Давкова.
Не го изостави ниту Ковачевски кој седеше во вториот ред, на само едно столче подалеку од Мицкоски. Ги делеше Касами, кој седеше меѓу нив.
Силјановска кажа дека Ковачевски и се јавил да и ја честита функцијата. Поттоа се обрати кон сите и кажа дека земјата е пред тешка лекција, од пратениците побара разбирање за нејзините обраќања и евентуално вето, но и владеењето на правото кое е според неа главниот фокус за европска држава.
Од собранието Силјановска се упати кон вила Водно, нејзиниот нов дом. Таму на свечена церемонија ја дочека досегашниот претседател Стево Пендаровски. Имаа и тет а тет средба на која разговарале за успешно спроведените избори.