Големата кашлица може да добие на интензитет, се апелира за вакцинација
Заразата со голема кашлица не стивнува. Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања, кашлањето е често, силно и трае до три/четири месеци. Силната бактериска инфеција кај одредени случаи предизвикува и дополнителни компликации.
Највисок ризик за заболување и компликации имаат новороденчињата и доенчињата кои не се вакцинирани, иако може да заболат лица од сите возрасти, посебно лицата кај кои поминале повеќе од пет години после завршената вакцинација/ревакцинација.
За изминатата недела регистрирани се нови 13 случаи на голема кашлица или за 48% помалку во споредба со претходната недела, но лекарите стравуваат дека со намалувањето на температурите и доаѓањето на зимата заразата може да добие на интензитет. Според извештајот на Иститутот за јавно здравје најмногу случаи се регистрирани во Скопје.
„Од овие 13 нови случаи, пет се во Скопје, три во Прилеп, три во Куманово, по еден во Кратово и Кр. Паланка. Заклучно со 12.09. регистрирани се вкупно 1087, најголем дел од нив се од Скопје 779, Куманово 105, Тетово 64, Битола 48, Прилеп и Кратово по 18 и по некој случај во останатите градови.“ - вели Марија Андоновска директорка на Институтот за јавно здравје.
Од Институтот апелираат да се врши заселана контрола на невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица.
„ИЈЗ и јас сакам да препорачам до матичните лекари, доколку забелажат било какви симптоми веднаш истите лица да бидат препратени на тестирање. Воедно матичните лекари задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на децата до 14години. Исто така, вакциналните пунктови да вршат засилена и континуирана пребарување на невакцинирани или некомплетно вакцинирани лица.“ - вели Андоновска.
Најголем број на заболени припаѓаат на возрасната група до 4 години или 34,7%. Од регистрираните случаи 687 лица т.е. 63,2% не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани, а од 18 јануари до 12 септември, дадени се скоро 69 илјади дози вакцини кои содржат компонента против голема кашлица. Досега хоспитализирани се вкупно 165 лица, од нив излечени се 161 лице.