Голема победа за Трамп - Врховниот суд на САД собори одлука на Врховниот суд на Колорадо во пресрет на „Супервторник“
Американскиот Врховен суд денеска ја собори одлуката на Врховниот суд на Колорадо со која на Доналд Трамп му беше забранета кандидатура за изборите поради поттикнување и поддржување на на нападот врз Капитол на 6 јануари во 2021 година. Тоа претставува голема победа за поранешниот претседател на САД во намерата за враќање во Белата куќа.
Судиите едногласно ја поништија одлуката на Врховниот суд на Колорадо од 19 декември со која на Трамп му беше оневозможено да се кандидира на републиканските предизбори.
Трамп е фаворит за републиканска претседателска номинација и на 5 ноември оваа година најверојатно ќе излезе на мегдан со актуелниот американски претседател Џо Бајден за функцијата во Белата куќа.
„Голема победа за Америка“, напиша Трамп на својата социјална мрежа, веднаш по изрекување на пресудата.
Во пресудата на Врховниот сду на САД се наведува дека само Конгресот може, врз основа на 14-от амандман, да забрани извршување на јавна функција. Во него се предвидува дека само на лицата кои учествувале во бунт им се оневозможува да извршуваат јавни функции.