Голема парада во Москва за Денот на победата над фашизмот
Русија ја одбележа 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна со огромна воена парада на Црвениот плоштад во Москва, во присуство на претседателот Путин и странските гости.
Откако во последен момент своето доаѓање го откажаа лидерите на Азербејџан и Лаос, Путин на парадата нагости 27 шефови на држави, вклучувајќи ги претседателите на Кина, Бразил, Венецуела и Србија, додека од ЕУ дојде само словачкиот премиер Роберт Фицо. Заповедникот на руските копнени трупи Олег Саљуков ја предводеше парадата на 11.000 војници, вклучувајќи 1.500 кои се бореле во Украина.
На парадата учествуваа и 102 кинески војници, како и воени контингенти од Северна Кореја, Виетнам и Монголија, додека руската војска покажа разни видови воена опрема. Обраќајќи им се на присутните, Путин кажа дека Русија се сеќава на лекциите од Втората светска војна, која ја спореди со денешната војна во Украина.
- Русија беше и ќе остане неуништлива бариера против нацизмот, русофобијата и антисемитизмот. Вистината и правдата се на наша страна. Целата земја и целиот народ ги поддржуваат учесниците во специјалната воена операција во Украина. - Владимир Путин, петседател на Русија.
Според достапните податоци годинашнава парада била поголема од минатите години. Па ако пред две години учествувале околу 8.000 припадници, оваа година имаше околу 11.500. Парадата се одржува четврта година во сенката на војната во Украина, а Путин нареди прекин на огнот од 8 до 10 мај за да обезбеди сигурни услови за одржување на парадата бидејќи украинските дронови константно ја напаѓаат Москва.
Откако првично одби да потврди дека нема да ја напаѓаат руската престолнина за време на парадата, американските медиуми објавија дека претседателот Трамп извршил притисок врз Зеленски да се воздржи од напади. Сепак, Украина, која се соочува со руска офанзива од 2022 година, ја обвини Русија дека напаѓа по целата фронтовска линија, посочувајќи на стотици прекршувања на прекинот на огнот, што Москва го негира и вели дека само одговараат на украинските напади.