Голем одрон на патот кон Блаце го ограничи сообраќајот кон и од Косово
Одронот на патот кон граничниот премин Блаце трет ден пречка за граѓаните кои го користат овој дел од патот. Сообраќајот се одвива со наизменично пропуштање на возилата.
Според директорот на Македонија пат станува збор за специфична ситуација во која доаѓа до постојани одрони и лизгање на земјиштето и до сега биле направени 100 тури со камионите на јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта и пренесени околу 600 кубни метри материјал.
Одговор за ваквата состојба побаравме и од директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов но од таму не добивме одговор.
Одронот што се случи во вторник напладне е аларм за надлежните да ја забрзаат изградбата на новиот автопат Скопје-Блаце, проект кој се ветува со години. За разлика од денеска, вчера попладне на патот кон граничниот премин Блаце сообраќајот беше отежнат, колони возила чекаа и по неколку часа да бидат пропуштени.