Голем дел од земјоделците се уште размислуваат дали воопшто ќе сеат ориз

По овие канали кај Облешево за десетина денови треба да протече вода до нивите. Искршените каналетки, во голем дел изградени во бивша Југославија, најверојатно ќе останат во истата состојба во која се наоѓаат со години, а водата ќе тече по импровизираните земјени вади, што значи голема загуба на вода, но и можност за злоупотреба.

Земјоделците се жалат дека каналите се чистат, ама тоа не е доволно. Се плашат дека и годинава ќе доцни со сеидбата.

Но, од  подружницата на водостопанство „Брегалница“ велат дека каналите се чистат. Во некои делови на Виница се заменети и дел од каналетките.  Проблем имаат и со несовесни граѓани, кои веднаш по чистењето пак ги затрупуваат каналите со ѓубре. Браните Калиманци и Гратче се полни и вода до нивите ќе протече најдоцна до 24-ти април.

Трошоците за сеидба  на оризот се речиси двојно зголемени. Иако ќе има и дополнителни субвенции за ѓубрива голем дел од земјоделците се уште размислуваат дали воопшто ќе сеат, но ќе ја направат потребната подготовка на нивите. Годинава во кочанско ќе се наводнуваат 5000 ха, од кои 4000 ха треба да бидат под ориз.