Година и пол по трагедијата во Кочани, сè уште нема осудени лица

Година и пол по кочанската трагедија. Родителите на загинатите сè уште маршираат, барајќи правда. Судењето и понатаму трае, но без осудени и виновни лица, а сега, година и пол подоцна и со можност првообвинетиот во судскиот процес, Дејан Јованов Деко наместо во ефективен, да биде во куќен притвор, впрочем како и дел од останатите осомничени во овој судски процес. Како кочанчани ја коментираат ваквата правна можност?

Нова кривична постапка против Дејан Јованов се отвори непосредно пред истекот на законскиот рок за неговиот притвор во предметот за пожарот во Пулс и тој во овој случај доби нови 30 дена затворски притвор, но не во Куманово, туку во истражниот во Шутка. Професорот по право Гордан Калајџиев пак смета дека доколку новата истрага е отворена само за да се овозможи продолжување на лишувањето од слобода, тоа би претставувало злоупотреба на правото.

ГОРДАН КАЛАЈЏИЕВ: „Отворање вештачки нова истрага само за да се изигра законот е злоупотреба на правото! На рокот обвинителите требало да мислат кога за пожарот обвинија кого стигнаа! Судот треба да го отфрли тој предлог ако има правна држава!“

Неговата реакција следува откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против Јованов поради сомнение за давање поткуп и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување нов притвор. Според Обвинителството, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му биде обезбедена лиценца за вршење угостителска дејност, без да поднесе барање и иако знаел дека објектот не ги исполнува законски пропишаните услови. Од ОЈО ГОКК оценија дека предлогот за притвор е поднесен поради опасност од бегство. Инаку, пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март минатата година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.