Глобалната криза удира и врз странските инвеститори во земјава

Зголемени  трошоци за гас, намален пристап до материјали за производство но и поскап транспорт е товарот од војната на Блискиот Исток што им се стави на грб на компаниите ширум светот вклучително и на странските инвестиции кај нас.

Претседателот на советот на странски инвеститори Виктор Мизо вели дека, иако засега нема детална проценка за тоа како досегашните случувања ќе влијаат врз македонската економија сепак ситуацијата се следи. Според него, досега странските инвеститори во земјава немаат драстично намалување на нарачките.

Виктор Мизо, претседател на Совет на странски инвеститори

- Ова што е глобален проблем е проблем за сите. Не е важно дали сме лоцирани во Македонија или каде е нашиот конкурент лоциран. Така да тие трошоци зголемени гориво, енергенси, петрохемиски производи и сл сите ќе бидат погодени на ист начин. Тоа значи дека ќе ја погоди индустријата и во Европа и глобално и потенцијалното намалување на нарачката на сите места ќе се одрази.

Покрај предизвиците од актуелната војна на Блискиот исток, анализата за изминатите два месеци покажала дека странските инвеститори во Македонија се соочуваат и со други проблеми. Дел од нив се, потешкотии во наоѓање на  соодветна работна сила поради зголемениот бран на емиграција, инфраструктурни проблеми, комплицирани процедури за добивање на државна помош како и незадоволство од услугите за aftercare. Според инвеститорите, најдобро решение за дел од предизвиците е комуникација само со една институција.

Сашко Наков, генерален директор на „Амфенол“

- Тоа one stop shop или таа една адреса на која би се обраќале би ги искооридинарале со другите институции, за да не мора сами да одиме од институција до институција туку ќе адресираме и тука ќе се искооридинара сета таа активност понатаму. Тоа  е полесно и за нас и ќе биде посинхронизирано. Треба да имаме една работа предвид дека и од аспект на институции ќе се има преглед веднаш што им треба на компаниите. 

Странските инвестиции во Македонија, периодов се соочија и со проблем со транспортот поради блокадите организирани од страна на транспортни фирми. Според податоците од анализата, во деновите од блокадата, транспортните трошоци на странските компании се движеле од неколку илјади евра до неколку миилиони евра од компанија, поради тоа што дел од компаните морале да се снаоѓаат и со авионски летови да ги пренесуваат нивните производи.