Главниот штаб за управување со кризи ја презема координацијата во борбата против пожарите
Foto

Главниот штаб за управување со кризи ја презема координацијата во борбата против пожарите

Од денеска Главниот штаб за управување со кризи ја презема целосната координација во борбата против пожарите.

Главниот штаб на седница попладнево донесе Акциски план за превенција и справување со пожарите.

Како што соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, планот е ист по обем како минатите години кога имаше силни пожари, но засилен.

-Планот се однесува на неколку цели: заштита на здравјето и животот на граѓаните, заштита на материјалните добра и животната средина, зајакнување на мерките за изолирање на опожарените подрачја, влучување на надлежните институции и обезбедување високо ниво на координација, како и  координација и распредлба на меѓународната помош, истакна Ангелов.

Тој напомена дека од утре секој ден во 10 часот ЦУК ќе информира за состојабата со пожарите, а по потреба ќе се свикуваат и прес-конференции за навремено и точно информирање.

Ангелов на денешната прес-конференција изрази сочувство за, како што рече првата жртва од пожарите кои ја зафатија земјава.

- Најпрвин сакам да изразам сочувство на човекот кој вчера ја загуби сопругата, тажно е тоа што се случи во кумановски Челопек. Еден живот е загубен, тоа е она што неколку дена го зборуваме, на прво место безбедноста на луѓето, рече Ангелов.

Тој рече дека сè е надоместливо, но дека човековиот живот е бесценет и апелираше сите кои ќе се најдат до пожарот да се евакуираат.

- Куќите ќе ги направиме. Ќе помогне Владата, ќе помогне општината. Дрвјата ќе пораснат, нема за една година, им треба многу време, но колку буки или борови вреди еден човечки живот, рече Ангелов и додаде дека ЦУК ќе се фокусира на човековиот живот и на човековото здравје.

Тој рече дека е мачно да се напушти дом за кој некој цел живот се мачел, уверувајќи дека државата ќе помогне, но нагласи дека човечкиот живот е бесценет.

- Затоа апелирам до сите граѓани кои ќе се најдат во место каде пожарот се движи кон нив, тоа може да му се случи на секој, дури и на вас и на оние граѓани кои сега се далеку од пожарите, бидејќи пожарите се шират со чудна брзина. Дури има некои сомнителни моменти како тие пожари се палат одеднаш, на повеќе локации. Полицијата работи на барање на причинителите. Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет, рече Ангелов.

0 Коментари

Остави коментари