Гир: Борбата против корупцијата и владеење на правото во сржта на напредувањето на земјава на патот кон ЕУ

Судскиот совет планира на јавна седница во скоро време да го стави на увид извештајот на оценската мисија на Европската Унија кој деновиве им беше поделен ним и на клучните државни институции. Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев денеска не кажа ништо за содржината на извештајот ниту пак одговори на прашањето дали тој лично и сите во Советот гледаат одговорност за тоа што случувањата во ова тело дополнително придонесле за рушења на довербата во правосудството во целост. Напротив, причините за ваквите состојби во Судскиот совет, ги лоцира во, со години напластените и нерешени  проблеми од минатото.  

Извештајот на оценската мисија содржи 40 препораки од кои 17 можат да се спроведат од самиот судски совет додека за 23 потребна е промена на закони. Сите 40 препораки се поделени во три групи во зависност од брзината на роковите во кои треба да се имплементираат па дел се предвидени за кус рок, дел за среднорочен и дел за долгорочен период на имплементација. Клучно е што има корупција и што нема напредок во владеењето на правото, отсуство на ефективен систем на казнивост, а граѓаните се се повеќе исплашени, не гледаат и не веруват во можноста за промени а со тоа расте цинизмот и отпорноста кон институциите, рече амбасадорот Гир во рамки на шестата пленарна седница на европската национална конвенција. Тој посочи дека клучна е улогата на судскиот совет кој наместо да демонстрира транспарентност, интегритет и отчетност тој не вложил доволно напори да се откријат случаите на заплашување на судии или да реагира за случувањата поврзани со начинот на смената на претседателот во јули.

На европската национална конвенција се обрати и претседателот Пендаровски кој вели е жално тоа што САД и Европската Унија повеќе од нас се борат за сузбивање на организираниот криминал и корупцијата.

Инаку европскиот амбасадор Гир на крајот ги нотира останатите области кај кои треба подобрување и драстични реформи содржани и во  извештајот за напредокот на земјава кон европската унија. Лошите услови во затворите со акцент на Идризово, тажно е вели што не се имплементирани препораките за превенција од тортура, говорот на омраза, антиродовите кампањи, случаи на дискриминација на Роми што говори за состојбата со јавната свест, слобода на медиумите, насилството врз новинарите. Гир на крајот ја апострофира важноста за уставните измени да има заедништво, што е битно за движење на европскиот процес напред.