Гичевски во СТУДИО 10: Зошто Бугарија сака да го присвои Делчев и да слави некој кој работел против нивните интереси за самостојна Македонија
Гоце Делчев за нашата историја е од вонвременско значење. Тој е сеприсутен во народното творештво, но многу малку го познаваме како идеолог на македонската национална борба, како „сепаратист“ како што го оценуваат тогашните бугарски медиуми. Тој е креатор на македонското револуционерно движење и учител за кој неговите ученици имаат убави спомени. Делчев ја истоветувал неговата идеја со својот лик, обаснува Васко Гичевски, од Здружението на историчари во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.
- Делчев е роден во Кукуш, но сега демографските прилики се изменети, па малку е останато од Кукуш од времето на Гоце Делчев, па таму не се одбележува денот на неговото раѓање, вели Гичевски.
Гичевски вели дека Делчев бил голема мистерија за османлиските власти, неговиот лик не бил многу познат, а тој одбивал да се фотографира.
-Гоце Делчев е роден во Османлиска империја кој функционира како милиет систем, односно не според националност туку според религиското во општеството. Дури ни османлиските властодршци немале национално чувство. Она што нам ни се случува е бугарската држава да го прогласи „бугар-милет“ за Бугарин. Тоа не е коректно. Делчев е роден во унијатско семејство, а не под бугарската егзархија, вели Гичевски.
Тој додава дека бугарската историографија и мнгоу долго време не го споменува, туку дури во времето на Тодор Живков почнува да се присвојува.
-Ние всушност страдаме од погрешното толкување на милет системот, вели Гичевски. Тој додава дека првично сите христијани биле сместени во рум-милет, односно ромеи или византиски христијани. Подоцна кога се создаваат оединечни православни цркви се појавуваат и ерменски милет, бугар-милет итн. Османслиската држава не стасува до таму да формира нација, коментира Гичевски.
Тој вели дека е премногу очигледно дури и за деца кој е и за што се залагал Гоце Делчев.
-Децата на пример, се прашуваат зошто Бугарија сака да го присвои Делчев кој се залагал за самостојна Македонија и да слави некој кој работел против нивните интереси, вели Гичевски.
За време на Тодор Живков половина од историчарите беа соработници на службите за безбедност, а ист е случајот и со денешните, вели Гичевски и додава дека нашето општество е помодерно и поотворено.
-Никола Карев не им е важен на Бугарија за да го присвојуваат оти бил социјалист. Со него Бугарија не може да најде ништо со што би се поврзала. Но, Гоце Делчев е темелот на македонската држава. Одредот што го напаѓа участокот во Прилеп се вика „Гоце Делчев“. Од друга страна, во Бугарија нема народни сеќавања за него, вели Гичевски.