Гичевски во СТУДИО 10: Идентитетот е лично чувство, битно е кој за што се залага
Ако Гоце Делчев се залагал за автономија на Македонија, се поставува прашањето за која Македонија со оглед дека таа е поделена во Букурешт во 1913 година. Гичевски вели дека терминот Македонија бил забранет од султанот уште во 1902 година оти и тогаш тоа било сензитивно прашање, а се инсистира на Скопски, Солински и Битолски вилает.
-Ние имаме еден дел од Македонија и тој дел од Македонија се осамостоил и станал државно-правен ентитет, појаснуваВаско Гичевски, од Здружението на историчари во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24..
Гичевски посочува дека идентитетот е лично чувство. Секој, па и Гоце Делчев може да се чувствува како што сака, но битно е за што човек се залага.
-Македонија во времето на Делчев не постоела како административна единица туку постоеле трите вилаети на таа територија наречена Македонија, појаснува Гичевски и додава дека отсекогаш, од 19 век се провлекува намерата да се забрани постоење на една монолитна балканска држава оти таа би била вон контрола на големите сили.
-Сите на Балканот сонувале за поголема држава. Србија сакала да стигне до Солун, Бугарија сакала да се прошири на сегашна Македонија и цела Тракија, вели Гичевски. Тој објаснува дека по 1908 година во Македонија немало движења кои имале државни аспирации, особено ако се земе предвид дека огромниот дел од популацијата во Македонија била неписмена.
Гичевски вели дека идејата за национална држава и националност е застарена 19-вековна идеја. Историјата покажува дека во едно исто село по неколку пати се менувал милетот, односно верската припадност оти за Османлиите не постоела нација туку припадност на црква.
-Во овој 30-годишен период на Македонија ние бевме и сме подготвени да жртвуваме се самоз а да не работиме. Се откажавме од се, се редефиниравме за да влеземе во ЕУ, а не направивме ништо за себе. Бегајќи од идеологизацијата на Југославија навлеговме во друга идеологизација дека за формирање на независната македонска држава е заслужно ВМРО. А тоа не е точно оти ВМРО нема ексклузивитет на таа идеја. Ние имаме проблем со моралниот суд кога проценуваме некои личности кои само се родени во Македонија но не се залагале за автономна Македонија, вели Гичевски.
Револуционерното движење во Бугарија е формирано во Србија и тука ќе се појави проблемот со Левски, вели Гичевски и посочува дека би бил апсурд Србија да рече дека Бугарите се Срби и дека Србија има право на бугарската држава оти Србија била база на бугарското револуционерно движење.
-Ние треба да почнеме да размислуваме како граѓани, заклучува Гичевски.