Германските демохристијани бираат наследник на Меркел
Foto

Германските демохристијани бираат наследник на Меркел

Во Хамбург денеска почнува дводневната Конференција на германската владејачка Христијанско демократска унија (ЦДУ) на која треба да биде избран наследник на канцеларката Ангела Меркел на местото лидер на партијата.

Вкупно 1.001 делегат на Конференцијата ќе го избираат новиот претседател на ЦДУ меѓу 12 кандидати, но главната борба се очекува да се води меѓу тројца од нив – актуелната генерална секретарка на партијата Анегрет Крамп Каренбауер, поранешниот координатор на пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот, Фридирх Мерц и министерот за здравство Јенс Спан.

Крамп Каренбауер, кој во германската јавност е позната под прекарот АКК, е близок соработник на Меркел и поранешен премиер на сојузната покраина Сарланд.

Таа важи за кандидат чии ставови се најблиски до центристичката политика на Меркел, но во повеќе наврати знаеше да се користи и со поконзервативна реторика и беше особено гласна во противењето на истополовите бракови.

 

Иако многумина ја сметаат за пулен на Меркел, 56-годишната Крамп Каренбауер во текот на кампањата за партиски лидер се обидуваше да се дистанцира од актулената канцеларка и да ги нагласи разликите меѓу нив, без притоа да ја оспорува нејзината позиција.

За разлика од Крамп Каренбауер, која е дел од најблискиот круг соработници на Меркел, вториот водечки кандидат за лидерката позиција, 63-годишниот Фридирх Мерц, е повратник во германската политика, по повеќе од една деценија минати надвор од политичкиот живот.

Мерц, кој беше координатор на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот од 2000 до 2002 година, од оваа позиција беше сменет токму од Меркел, поради што се смета дека кај него постои нетрпеливост кон актуелната канцеларка.

Многумина сметаат дека ако Крамп Каренбауер стане лидер на ЦДУ, таа најверојатно ќе дозволи Меркел да го „отслужи“ целиот сегашен канцеларски мандат до 2021 година, но доколку Мерц го преземе раководењето со партијата, не е исклучено тој да предизвика предвремени сојузни парламентарани избори уште идната година, на кои би бил кандидат за канцелар и со тоа „предвреме“ би ја пензионирал актуелната канцеларка.

 

Мерц, кој последните години работеше како адвокат и претседател на Надзорниот одбор на германскиот огранок на американскиот инвестициски фонд „Блекрок“, важи за човек со нагласено козервативни ставови и со деловен пристап во работењето.

Иако нема големо искуство во „високата политика“, тој има добри врски во бизнис круговите во Германија, но и во самиот врв на ЦДУ, па не изненадува што неговата кандидатура ја поддржаа неколкумина истакнати партиски членови.

0 Коментари

Остави коментари