Германскиот министер за здравство предупреди за стотици илјади нови случаи на коронавирус дневно
Германија до средината на февруари би можела да брои по стотици илјади нови инфекции на коронавирус дневно, предупреди денеска германскиот министер за здравство,Карл Лаутербах, јави ДПА.
Министерот изјави дека прогнозата е темелена на реалистични сценарија искажани за време на синоќешната панел дискусија на јавната телевизија ЗДФ.
-Би можеле да претпоставиме дека бранот ќе го има пикот кон средината на февруари и дека ние тогаш мораме да очекуваме неколку стотици илјади случаи дневно, тврди Лаутербах.
Според министерот, има земји чии болници може да се справат со тие бројки на заболени, но во Германија ситуацијата е поинаква.
– Бидејќи имаме голем број на невакцинирани постари лица во Германија, исходот би можел да биде сосема поинаков од тој во Италија, Франција или во Англија, на пример, посочи Лаутербах.
Во Англија на пример, бројот на невакцинирани луѓе во групата над 50 години беше еден-два отсто.
– Тоа се вредности до кои не можеме да се приближиме, рече социјалдемократот и обучен епидемиолог.
Во однос на релативно ниската стапка на хоспитализација во пандемијата во Германија периодов, Лаутербах изјави дека тоа е „неважно“, бидејќи бранот што во моментов се одвива во Англија и во Франција, допрва треба да ја погоди Германија.
– Очекувам вистинскиот товар на единиците за интензива нега да дојде кон средината, крајот на февруари. Тоа ќе биде стрес тест, а не она што го гледаме сега, рече Лаутербах.