Германскиот министер за надворешни работи во Ватикан на разговори за Украина
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, денеска ќе престојува во Ватикан, каде што се очекува главна тема на разговорите да биде руската војна против Украина, јавуваат германските медиуми.
Вадефул претпладнево треба да се сретне со претставници на католичката хуманитарна организација „Сант’Еџидио“, по што ќе биде примен од кардиналот државен секретар, Пјетро Паролин, вториот највисок претставник на Ватикан.
Тој ќе се сретне и со надбискупот, Пол Ричард Галагер, секретар на Ватикан за односи со државите, кој во суштина ја има функцијата министер за надворешни работи.
Се очекува една од главните теми на разговорите да биде руската војна против Украина, која сега влезе во петтата година, соопшти агенцијата ДПА.
Папата Лав XIV неодамна повика на обновени меѓународни напори за започнување преговори за окончување на војната, повикувајќи ги лидерите на Русија, Украина и на други земји да седнат заедно на преговарачка маса.
Галагер, исто така, повика на „вистински преговори“ со меѓународна поддршка за време на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва кон крајот на август.
Ватикан ја осуди руската инвазија врз Украина, но истовремено настојува да одржува дијалог со Москва.
Вадефул се сретна со Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк пред нешто помалку од една недела, но разговорите не донесоа конкретни резултати.
Вадефул попладнево ќе отпатува за Словенија, каде во Љубљана треба да се сретне со министерот за надворешни работи, Тоне Кајзер и конзервативниот премиер, Јанез Јанша.

