Германската економија падна за 0, 3 отсто, аларм за Европа и Балканот

Германската економија падна во рецесија, високата инфлација го кочи економскиот раст и ја нарушува потрошувачката. Заводот за статистика ги ревидираше проценките, економијата ослабната во првиот квартал, и намалена за 0,3 проценти

Во однос на првиот квартал од минатата година, БДП е намален за 0,5 отсто во првите три месеци од годинава, а претходната проценка  покажа пад на активноста од 0,1 отсто. Според статистиките домаќинствата во првите три месеци од годинава помалку трошеле за храна и пијалоци, облека и обувки и за мебел.

Иако растот на цените во последно време е забавен, априлската стапка на инфлација од 7,2 отсто се уште е висока. 

„Германија влезе во рецесија, но се работи за техничка, и не голема рецесија. Би рекол дека е малку изненадувачки што има техничка рецесија, бидејќи растот изгледаше дека е добар. Мислам дека ова уште еднаш покажува колку погреши Германија со големи инвестиции во рускиот гас.“ - вели аналитичарот Џејмс Џексон.

Причина за негативниот тренд се и натаму високите цени на енергенсите по руската инвазија врз Украина, кои особено влијае врз домаќинствата и стопанството. 

Меѓународниот монетарен фонд и Европската комисија очекуваат германската економија годинава повеќе или помалку да стагнира, а германската Влада предвидува раст на активноста од 0,4 проценти. Последната рецесија во Германија се случи за време на пандемијата на коронавирусот на почетокот на 2020 година, кога големи сектори од економијата останаа затворени.