Герасимовски за „Барутана“: Општината мора да ја спроведе постапката за ДУП-от, дали ќе биде изгласан ќе зависи од советниците
Општина Центар ја продолжува постапката за нацрт-деталниот урбанистички план за „Барутана“ на Водно, но нема да биде ставен на дневен ред на Советот на Општината сè додека не се обезбедат гаранции за безбедноста на локацијата. Од Општината појаснуваат дека постапката е законска обврска, а досега се добиени позитивни мислења од повеќе надлежни институции и министерства.
Од независната советничка група „Шанса за Центар“, која е меѓу најгласните противници за деталниот урбанистички план, за Телевизија 24 велат дека нема да го поддржат во Советот. Како главен аргумент ги посочуваат ризиците од свлечишта и ерозија, поради кои, според нив, не се исполнети условите за ваков вид урбанизација.
Од ВМРО-ДПМНЕ – Центар за Телевизија 24 велат дека нема да ја дадат поддршката во Советот доколку се утврди дека е загрозена безбедноста на граѓаните.
Советничката група на СДСМ која гласаше за отопочнување на процесот на деталниот урбанистички план се очекува да имаат усогласени ставови со градоначалникот.
Од Општина Центар уверуваат дека со новиот план ќе се предвиди обврска за обезбедување најмалку 40 проценти зеленило на градежните парцели за станбени објекти, од кои 20 проценти треба да бидат дрвја. Според податоците презентирани на денешниот брифинг, во новиот план се предвидени околу 29.450 квадратни метри површина за станбени објекти.

