Герапетритис: Меморандумите ќе се ратификуваат кога ќе постои целосна усогласеност во спроведувањето на Договорот од Преспа
Доцнењето на ратификацијата на трите меморандуми со Северна Македонија, според шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, не е поради внатрешните политички околности во Грција, туку поради „односите што се развиваат по Договорот од Преспа“, за кој уште еднаш повтори дека е меѓународен договор кој не може еднострано да се смени и ги обврзува сите влади.
Министерот за надворешни работи на Грција, за време на неговото учество на Делфи економскиот форум, говореше за сите теми поврзани со грчката дипломатија, а одговори и на прашањето кога меморандумите ќе бидат ратификувани од парламентот.
Тој вели дека „ќе има напредок кога политичките околности ќе го дозволат тоа“ и ова, како што посочи, не се однесува на „внатрешните политички услови“ во Грција.