Георгиевски во СТУДИО 10: Сме имале лошо искуство со државни субвенции за национални телевизии, не може финансирањето да биде нерегулирано
Владата предложи законски измени за медиумите. Станува збор за две измени - прво, да се врати плаќањето на кампањи на приватни телевизии со национална концесија и второ, кабелските оператори задолжително да ги реемитуваат и да им плаќаат на медиумите со национална концесија за тоа.
- На вчерашната дебата која се претвори во работен состанок поради незадоволството на засегнатите страни, дискусијата не беше за тоа што државни пари ќе се трошат за приватни компании. Сите невладини организации знаат дека постојат секаде во Европа национални кампањи финансисрани од државата, но она на што ние се противиме е лошото досегашно искуство поради што сега дуваме и на маштеница, вели Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Тој вели дека постои реална потреба некогаш да се направи кампања од јавен интерес која ќе биде емитувана на медиумите - такви се кризни ситуации како Ковид-19 или безбедност во сообраќајот или слично. Но, трошењето на јавни пари не може да биде нерегулирано.
- Она што ЦРМ го сфаќа како проблем е што вака сроченото решение е систем на индиректни субвенции кој на еден или друг начин ќе пренасочи пари од државата во медиумите и тоа селективно, вели Георгиевски.
Во новата регулитавива на ЕУ има акт за регулирање на финансирањето на медиумите. Таа регулатива е во редовен законодавен процес во ЕУ и ќе биде усвоена. А Македонија мора да го усогласи своето законодавство со она на ЕУ, но, вели Георгиевски, не сум сигурен во моментов дали тоа важи и за оваа регулатива.
- Субвенции за медиумите постојат одамна. За печатот особено, но целта е негова транзиција онлајн. Такви програми за субвенционирање нема за телевизиите оти телевизијата се смета за богат медиум, но се субвенционираат сегменти кои се однесуваат на културата како образовни или документарни програми, вели Георгиевски.
На нашиот закон за радиодифузија му треба целосна промена со визија за следните 10 години, објаснува Георгиевски и додава дека во Македонија има премногу „играчи“ на премал простор, за мала публика и за малку пари.
- Кој кому ќе плаќа зависи од понудата и побарувачката, но тоа и во случајот со ТВ програмата како и со секоја друга стока го регулира пазарот а не државата. Оттука не мислам дека некој отстрана треба да им наметнува со закон на кабелските оператори што да емитуваат и дали и колку да платат за тоа, вели Георгиевски.