Генералка викенд, штитејќи ја природата се штитиме себеси

Започна „Генералка викенд„ шанса за заедничко генерално чистење на ѓубрето кое несовесните граѓани го расфрлиле низ нашата животна околина. Илјадници волонтери од сите општини во државата, ќе учествуваат во собирањето на отпадоци.

Тие повикуваат на колективна одговорност и поголема свест за проблемот кој го имаме, прекрасна природа но полна со ѓубре.

Оние кои не дојдоа симболично на Генералка викенд, туку ги засукаа ракавите, порачаа дека нема здравје без чиста животна средина.

И додека странските амбасадори и претседателката Гордана Сиљановска Давкова  ги собираа отпадоците околу Скопскиот Аквадукт до самиот крај на акцијата, министерот за животна средина Изет Меџити, прв си замина.

Генералка викенд за овие пет години собра повеќе од 1 тон отпад со помош на повеќе од 44 000 волонтери. За секои 10 килограми собрано ѓубре, се засадува едно дрво а досега се посадени повеќе од 135 000 дрвја.

Генералка викенд ќе трае до недела, а организаторите порачуваат традиционалното пролетно чистење на нашите домови, да го направиме и за нашата природа.