Гаши се дообјаснува: Северна Македонија е моја татковина
Првиот човек на Собранието, Африм Гаши, само што седна на спикерското столче и по неговото прво интервју предизвика бурни реакции во јавноста со изјавата за тоа дека негова татковина е Косово.
ој денес се дообјасни на Фејсбук, каде напиша дека бил погрешно разбран и пренесен, односно, како што стои во неговиот статус, тој во интервјуто рекол дека Косово е татковина на неговите родители, а не нему.
- Како претседател на Собранието на сите граѓани на Република Северна Македонија, сакам да појаснам дека Африм Гаши е роден во Скопје, каде живее и работи со своето семејство, а негова татковина е Северна Македонија. Да појаснам и за јавноста, точната изјава во моето интервју беше дека „Косово е родно место или татковина на моите родители и јас го почитувам како такво заради нив. - напиша Гаши.
Ваквото дообјаснување на претседателот на Собранието следува откако вчера Мандатарот Мицкоски побара Гаши да се извини за изјавата дека Косово била неговата татковина. Мицкоски вчера кажа дека не ја чул изјавата, но доколку Гаши навистина рекол такво нешто, тогаш им должи извинување на граѓаните бидејќи земал плата од македонските даночни обврзници.
Инаку, по изборот на функцијата на која дојде на 28ми мај, Африм Гаши денеска оствари прва средба со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на Делегацијата на Европската Унија во земјава. На средбата, меѓу другото се разговарало за спроведувањето реформи во делот на владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, борбата против корупцијата, економскиот развој, но исто така и за претстојните избори за Европскиот парламент, како и за изборот на нова влада во земјава.