Гаши: Резолуција за промена на албанскиот јазик во Уставот

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија, ја поттикна Алтернатива да бара Резолуција и за албанскиот јазик. Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши во интервју за Дојче Веле, порачува дека формулацијата за албанскиот јазик во Уставот е навредувачка, понижувачка и задира во јазичната идентитетска компонента на Албанците 

- По предлог-резолуцијата иницирана од ВМРО-ДПМНЕ, очекувам македонските партии да предложат и резолуција со која ќе се промени формулацијата за албанскиот јазик во Уставот кој е дефиниран само како „јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а кои не се мнозинство.“ Не правете им го на други тоа што не сакате вам да ви го прават. - изјави Африм Гаши лидер на Алтернатива.

Гаши потсетува дека за време на тридеценискиот спор со Грција, Албанците застанале зад Македонците, но и сега со Бугарија, но дека тоа не е реципрочно. Во исто време во изјава за утрински брифинг, пратеникот од Алијансата за Албанците, Елми Азири, вели 

- И ден денеска ние се бориме за местото на албанскиот јазик во државата, во Уставот, загарантираноста во употребата на албанскиот јазик. - изјави Елми Азири Алијанса за Албанците.

- Резолуцијата предложена не е авторко дело на ВМРО ДПМНЕ, туку е сиблимат на ставовите на МАНУ и УКИМ коишто се темелат на науката и како такви не можат да бидат предмет на партиски пазарења. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик  не може и не смеат да бидат дел од преговори или партиски пазарења. - велат од ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ пак порачуваат дека за македонскиот јазик и идентитетот не се преговара и дека тоа е јасно на целата меѓународна јавност. За барањето на Африм Гаши од СДСМ за тв 24 велат 

- На Собранието е да предлага, да расправа и да одлучува за резолуции или инцијативи и сл, а секоја партија и пратеничка група одговара пред јавноста за своите постапки, работење и однесување. - велат од СДСМ.

Од ДУИ останаа без коментар и не одговорија на повиците на тв 24. Ова барање на Алтернатива се совпаѓа во исто време со интерпелацијта за Џафери поради повреда на Уставот, откако претседателот на Собранието, неодамна се обрати на албански јазик пред Комитетот за надворешни работи, во рамките на Самитот „Европски парламент - Западен Балкан“ во Брисел.

Опозицијата го обвини Џафери за свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик и потсети дека единствен службен јазик во меѓународните односи е македонкиот.