Гарантираните цени во маркетите ќе останат до Нова година

Загарантираните цени на прехранбените производи и на алкохолните и безалкохолните пијалаци  наместо до крајот на месецов, ќе важат до крајот на годината, а во иднина трговците и производителите ќе можат да организираат и акции со намалени цени, пресече министерот Бектеши.

Анализите на Министерството за економија покажале дека има основа да останат на сила сегашните “гарантирани цени” на одредени производи, при тоа за основа се зема цената од први август, намалена за 10%.

Дел од бизнис коморите веќе реагираа дека и сегашната одлука за замрзнати цени е штетна за бизнисот и во неколку наврати побараа мерката да биде укината, бидејќи трпеле загуби.  

За да нема ново поскапување кои би се наметнало со евентуално повисоката цена на гасот, кој го користат најголем дел од компаниите, министерот Бектеши вели дека ние не ја оспоруваме воведената такса, туку количините кои ги загарантирала Бугарија за „Гаспром“ во однос на гасоводот со Македонија.

Во делот на оштетата и споровите кои ние би ги почнале Бектеши рече дека имаме правна основа во потпишаните договори со Европската енергетска заедница и со Бугарија.

Инаку, вчера бугарскиот претседател Радев поднесе жалба до Уставниот суд на Бугарија со барање, одредбите од Законот за контрола на спроведувањето на рестриктивните мерки во поглед на дејствијата на Русија кои ја дестабилизираат ситуацијата во Украина да бидат прогласени за неуставни. Но, како ќе заврши „војната“ што и ја објави Бугарија на Македонија со барањето за плаќање такса за доводот на гас, останува да видиме.