Гарантирани цените на безалкохолните газирани и негазирани пијалоци и пивото на ниво од 19 септември

На производите од 25 категории меѓу кои овошјето, зеленчукот и јајцата, кои имаат “гаранитирана цена“ со намалени цени од утре ќе им се приклучат и безалкохолните пијалоци и пивата, најави денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Дополнително ќе има и намалување на цените на овошјето и зеленчукот за 30 проценти. Поради владините мерки за замрзнување на цените, големите маркети ги оставија граѓаните без јајца, овошје и зеленчук. Рафтовите се празни, граѓаните нервозни, а производителите се жалат дека намалувањето на цените ќе падне на нивни грб.

 

Според претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Менди Ќира, мерката за замрзнување на цените не е логична поради тоа што го нарушува слободниот пазар, а целиот товар ќе падне на грбот на производителите, посебно поради тоа што маркетите инсистираат производителите да ја намалат цената на продажба.

Живинарските фарми стравуваат дека доколку оваа мерка продолжи, поевтинувањето на цената на јајцата ќе доведе до усмртување на голем број кокошки.

- Во маркетите нема јајца бидејќи фармите одбиваат да им носат роба по толку ниска цена, тоа нас производителите не прави нерентабилни. Има реакција од сите фармери, имавме состанок и со Стопанската комора на Македонија, но Владата нема слух за нашите аргументи. Замрзнувањето на цените на јајцата може да доведе до усмртување на кокошките, велат од здружението на живинарските фарми.

Во моментов цената на јајцата се движи од 62 денара до 98 денари за 10 јајца. Од друга страна, од СДСМ велат дека мерките за замрзнување на цените воведени од СДСМ, дале резултат. Засилените контроли од Државниот пазарен инспекторат викендов ставија клуч на врата на неколку големи маркети поради непочитување на одлуката за намалување на цените.

Гарантираната цена ќе биде на сила до 30 ноември.