Галевски и Петковски по синоќешната победа на Алкалоид во Атина: Бевме психички, физички и тактички подготвени
Високото ниво на психичката, но и физичката и тактичката подготвеност на РК Алкалоид во синоќешниот прв натпревар од Европскиот куп против АЕК во Атина, го истакнаа крилото Александар Петковски и голманот Иван Галевски, јави дописничката на МИА од Атина.
Алкалоид славеше со 25-29 на гостински терен и за помалку од една седмица ќе го игра реваншот во Скопје, а двајцата млади ракометари, кусо по историската победа, во изјава за македонските новинари кои во Атина го следеа натпреварот, не го криеја нивното задоволство од резултатот.
-Пред сè да им честитам на момците за нашата борбеност и мислам дека тоа беше доста пресудно во овој натпревар. Имавме време, доста се подготвувавме, ги анализиравме. Влеговме максимално уште од стартот и тоа се одрази на нашата игра и на крај кога беше најпотребно да водиме со поголема разлика, рече Петковски додавајќи дека темпо на играта се промени при крајот на првиот дел и тоа ја донесе победата.
Со низа одбрани, голманот на Алкалоид и на репрезентацијата, 20-годишниот Иван Галевски остави свој белег на натпреварот, а посочи дека освен подготвеноста, важна улога има и тимската хемија.
-Мислам дека пресуди нашата психичка подготвеност, но и физичка и тактичка. Можам да кажам дека добро бевме подготвени за натпреварот, влеговме со ладни глави, максимално и тоа донесе до ваков исход на натпреварот, рече Галевски.
За чувството да се одбранат толку пенали, истакна дека е непроценливо и дека „едноставно е уживање“ и објасни дека без разлика на противникот, за секој натпревар се подготвува максимално концентрирано и фокусирано, додавајќи дека „анализата кај еден голман е најважна“.
-Со 20 години играм европско финале што ми е голема чест и задоволство. Гинеме тука еден за друг имаме голема тимска хемија, сплотеност, амбиција, желба и ете дојдовме до ова. Но, ништо не е готово, имаме уште 60 минути да се одиграат во Борис Трајковски. Ја повикувам целата македонска јавност да ја наполниме салата на голем спектакл, европско финале.
Момент што ќе остане запаметен и за навивачите на АЕК е кога Галевски, по одбранет пенал, прославувајќи, се сврти кон трибината на која беа домашните навивачи.
-Вртењето кон навивачите беше премногу емоција, експлозија не беше ништо со лоша намера, истакна Галевски.
За инцидентот предизвикан токму од навивачите на АЕК, крилото Петковски посочи дека уште пред патувањето во Атина, биле подготвени за можни провокации.
-Искусна екипа, не им е првпат да прават инциденти, но уште од Скопје имавме на ум дека ќе има простор за такви работи, така што можам да кажам дека бевме подготвени да останеме смирени во таа ситуација, изјави Петковски.
Тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров истакна дека биле психолошки подготвени и за ова сценарио.