Гала златна премиера за 30 години од класикот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски

„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија.

Овој настан, на 9 декември, во 20 часот во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија - не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан.

На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.

Присуството го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија.

Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот.

 

 

 

Златната гала премиера ја финансира „Витаминка“. „Дајнерс“ и Лотарија, кои ги поддржаа изданијата, биографската книга „Милчо за Манчевски“ и изданието на меморијалниот есеј „Убавите работи долго траат“ кои ќе бидат бесплатно достапни за публиката, Британскиот совет го обезбеди доаѓањето на гостите од странство, а Мајпринт печатарските услуги.

 

Појавувањето на „Пред дождот“ е дел од создавањето на државноста и на националното самочувство. Македонија и Македонците можат да создадат дело кое се смета за светски класик и дело преку кое многумина во светот за првпат слушнаа за Македонија.

Или како што ќе каже заменик-амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Даниел Филер во 2024: „Уметници како Манчевски се оние што го градат идентитетот на оваа земја“.

„Пред Дождот“ стана дел од светската културна баштина, стана класик со сврстувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата.

За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и Златниот лав, ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит и Номинацијата за Оскар), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавија во светската стручна литература посветени на овој велик филм.

Годинава и Државниот филмски архив на Кина и Државната телевизија на Словенија го одбележуваат јубилејот со специјални проекции на „Пред дождот“, а повторно ќе се прикажува и во Бразил.Кога „Пред дождот“ во 1994 година го освои Златниот лав, тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, ами и да победи. Многу ретко се случило малечка Македонија во светот да ја сметаат за рамна на себе, а - што е уште поретко - и ние самите така да се осетиме. Тој громогласен аплауз со кој светот ги прими филмовите на Манчевски за нас не беше само сплотувачки фактор, туку и извор на самодоверба и на националното самочувство.

Во земјава, реплики од филмот станаа дел од популарната култура. На крајот на 1990-те на зградата на Македонската опера и балет стоеше графит со дијалогот: „Нема тука да пукне, мирен е народот. - Така и за Босна викаа, сега Запад сеир гледа, чека да се испоколат“.

Репликата „Пукај бе, братучед, пукај“, веќе 30 години се испишува на разни објекти во Скопје, беше мото и на транспарентите на сега веќе историските студентски протести во 2014-2015, исто како и „Кругот не е тркалезен“. По повод 25-годишнината од Златниот лав, едно кафуле во Скопје креираше коктел „пред дождот“ што редовно е на менито.

„'Пред дождот' ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја", „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија. Со помош на „Пред дождот" се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја - англискиот. Дури, има и италијанско вино што се вика „Пред дождот“. Во ноември 2024 филмот повторно се прикажува во Кина (од Државниот кинески филмски архив), во Словенија и во Бразил.