ФЗОМ: Податоците на граѓаните се безбедни, од наредната недела се очекува и исплата на платите
Фондот за здравствено осигурување негира дека при хакерскиот напад се украдени податоци на граѓани. Оттаму тврдат дека базите на податоци се изолирани од делот на системот кој беше предмет на напад.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека се работи за напад со ransomware – хакерски напад во компјутерскиот речник подразбира барање откуп за да се вратат податоците. И премиерот и министерот внатрешни како и за бомбите, сега и за нападот врз Фондот повторно велат, ова е хибридна војна која се води во Европа. Од Фондот воопшто не даваат детали за нападот, но уверуваат дека здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни.
Но, она што е симптоматично- шпекулациите за барање откуп од страна на хакерите- ниту една институција ниту ги демантира, ниту ги потврдува.
- При сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Се финализираат и сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за Здравство за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа. - велат од Фонд за здравство.
Од Фондот преку соопштение објаснуваат и дека постепено се враќаат функциите на системот, а по добивањето на податоците од ЈЗУ, како што велат, веќе од наредната недела се очекува и исплата на платите на здравствените работници, кои веќе јавно го изразија своето незадоволство. Токму во врска со овој сајбер напад, денеска на новинарски прашања одговараше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека сите институции треба да преземат предвремени мерки за заштита на електронските системи.
Од МВР пак на наше прашање во врска со овој сајбер напад велат тоа не е во нивна надлежност, односно дека тие можат да помогнат, но самата институција која е подложна на овој напад треба да има свои тимови кои ќе работат на ова. Базата на податоци на фондот за здравство веќе 11 дена е блокирана поради хакерски напад, поради што реагираа пациентите, но и здравствените работници кои не добија плати навреме.