ФЗО: Финансиски злоупотреби во јавните здравствени институции
Пет милијарди денари изнесува долгот на јавно здравствените установи. Само во првото полугодие на годинава долгот е зголемен за 1 милијарда денари. На листата на најголеми должници се универзитетските клиники за радиологија и онкологија, гинекологија како и торакална и васкуларна хирургија, ова денеска го соопштија директорите на фондот за здравствено осигурување. Од фондот велат дека најголем должник од клиниките е онколошката клиника со долг од 650 милиони денари. Уверуваат дека нема да има ризик од блокирање на сметките и велат работат на расчистување на долговите.
„Долговите се настанати заради несоодветно планирање и буџетирање. Иако во јавноста се тврди дека во буџетот ќе имало доволно пари тоа не е точно. Дел од долгот е настанат затоа што несоодветно се финансирани потребите на соодветните клиники. На пример Онкологија е еден од примерите каде што не биле буџетирани доволно средства ниту за онаа програма што ја има одобрено за работа. Работиме на ребалансот да обезбедиме дополнителни средства за функционирање“, вели Сашо Клековски – Директор на ФЗОМ.
Истовремено биле детектирани и повеќе примери каде медицински и економски директори си ги зголемувале платите со додадени дежурства, а утврдени се проблеми и во болницата во Струмица каде новоизградениот објект три години не се става во функција.
„Делумно опремена и една од најсовремените болници што ги имам видено, за милион и пол евра не се довршуваат работите, меѓудругото затоа што болницата со трафостаницата е споена со несоодветен кабел кој ЕВН одбива да го прими во употреба и да ја поврзе болницата на еенергетската мрежа“, додава Клековски.
Освен тоа менаџментот како проблем ги посочи и платите на вработените во Фондот, поради што одделни сектори се соочуваат со сериозен недостиг од кадар.