Функционерски плати до “плафон”, административците ќе почекаат
Над илјада функционери добиваат зголемена плата за 78 отсто, што државата ја чинат дополнителни 15,5 милиони евра само годинава.
И на сметката на првиот финансиер Фатмир Бесими легнала априлската плата со која наместо 71.145 денари сега зема скоро 130 000 денари.
- Добро е што Уставниот суд го укина спорниот член од 2012 година за коефициентите на платите наместо да го поништи. Ако го поништеше на функционерите ќе требаше да им се исплати застостанат долг за речиси 11 години со затезни камати. - вели Фатмир Бесими – министер за финансии.
За разлика од функционерите, Бесими вели дека сега не е време за зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе имало импликации на инфлацијата. Административците може да се надеваат на зголемување на платите в година.
- Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо. - вели Бесими.
Синдикалните организации со порака до министерот и Владата - зголемување на платите мора да има веднаш!
Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за економски студии за студио 10 вели дека зголемувањето на функционерските плати дополнително го зголемува јазот но и револтот. Очекува стабилизација на инфлацијата, но без опаѓање на цените.
Во меѓувреме министерот за финансии најави дека во јуни ќе се издаде првата граѓанска обврзница со рочност од две години, а државата ќе ги намени парите за капитални проекти. Во оваа обврзница граѓаните ќе може да ги вложуваат своите заштеди, а каматата што ќе ја добијат ќе биде поголема од банкарската но сепак Бесими не прецизираше колкава ќе биде точно каматата, но рече дека таа ќе биде меѓу каматните стапки на банкарските депозити и еврообврзницата.