ФТ: Пензиите не можат да се покачат надвор од предвиденото законско усогласување
Пензиите не можат да се зголемат повеќе од предвиденото законско усогласување, оти тоа ќе направи голема дупка во пензискиот Фонд. Ова е ставот на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ објавен во нивниот најнов извештај. Оттаму потсетуваат дека пензиите мора да се усогласат со порастот на трошоците на живот, а токму планираните 6 проценти во септември, заедно со оние 8,4 од првото полугодие, на пензионерите ќе им ги надоместат зголемените трошоци за живот од 14,2 отсто годинава. Повикувајќи се на податоците од Заводот за статистика, Фајнанс тинк потсетува дека пензионерите како категорија имаат најниска стапка на сиромаштија од 7%, што е далеку зад вкупната стапка, која изнесува 21,8%.
Парите од придонесите за пензиско осигурување кои секој месец се слеваат во касата на ПИОМ се далеку од тоа да ги задоволат исплатите на сите пензии. Годинава околу 1/3 ги покрива државниот буџет, но кулминација беше 2017 година, кога речиси половина од парите за пензии се обезбедуваа од државната каса. За 10 години, во периодот од 2008 до 2017 година, дупката во буџетот се зголеми двојно, што се должи на честите неиздржани и популистички зголемувања на пензиите во тој период. Од Фајнанс тинк предупредуваат токму на оваа опасност, ако се почне со нереални зголемувања. Сепак, оттаму велат дека револтот на граѓаните е основан, ако се земе предвид зголемувањето на функционерските плати за 78 проценти.
Пензионерите во септември ќе добијат покачување од 6 проценти. Незадоволни од тоа, тие деновиве излегоа на протести, барајќи утврдување на минимална пензија во висина на минималната плата. Министерката за труд Јована Тренчевска вети решение на тоа прашање до крајот на годината, но смета дека бараната висина на минималецот е нереална.